voda 2

Тесен црн пат под кој тече реката Пчиња, а на километар од изворот насекаде има обесени маици, панталони, чорапи, по голите гранки на дрвјата. Од двете страни на црниот угорничав пат што води до мистериозниот кладенец, оставани се пластични чаши, чевли, шишиња и се што им се нашло при рака на луѓето кои го посетиле местото.

 

Велат, кој ќе се напие и измие од Самовилските Води кај Зубовце ќе оздрави и ќе закрепне. Водата ќе му ја скрши несреќата, оти кладенецот и се околу него имаат некоја виша сила, натприродна моќ. Таа, според легендата, доаѓа од самовилите кои одреден ден во неделата се бањаат во кладенецот кој потсетува на мал базен, вдлабнат во карпа.

 

Па оттаму, кажуваат жителите на Зубовце, изворот бил наречен Самовилски Води. Некои парчиња од закачената облека се стари и по неколку години. Тие се излитени и искинати. Се гледа дека некои биле обесени на гранките пред само неколку дена. Нема грмушка или дрво на која не висат партали.

 

Според верувањето, облеката или некои други предмети луѓето ги оставаат таму за здравје и среќа кога доаѓаат да се напијат или да се измијат со водата. Ништо не се променило од минатото. Како што било и пред пет века така е и сега, од човек на човек се пренесува аберот за лековитоста на водата.

 

Таму ноќта меѓу четврток и петок се миеле самовилите, па затоа водата во изворот била најлековита пред изгрејсонце во петок. Покрај тоа што се мијат и ја пијат водата, луѓето оставаат и нешто бакшиш или облека. Според верувањето, кога ќе се соблечат да го измијат болниот дел од телото, старите алишта ги оставаат засекогаш таму и си облекуваат нови.

 

Мештаните од селото, кое е само на еден километар од изворт, со стравопочит раскажуваат за многу необични случки поврзани со Самовилските Води. Пред неколку години, еден вторник на изворот дошла некоја жена. Било ноќ и таа сакала да си наполни вода. Одеднаш нешто силно ја повлекло и ја потопувало во водата, па ја вадело надвор, се така неколкупати. Тогаш силно ја фрлило дури горе на патот. Жената, иако не видела никого, сепак слушнала глас: “Во вторник не се доаѓа тука”, и рекло привидението.

 

До калденецот, пред околу година и пол, од камен била изградена и малечка куќичка. Во неа се чуваат еден куп лејки во кои им се става водата на луѓето што дошле да го бараат лекот. На неа има закачено табли на кои пишува – Водата е отворена само во петок и во недела. Само на неколку метри над кладенецот, до едно старо дебело брестово дрво, исто од камен е изграден и олтар. Таму има неколку икони од Богородица, света Петка и од света Недела. Тука луѓето оставаат пари и палат свеќи.

 

Пред година и пол мештаните од Зубовеце го оградиле изворот, а биле цементринани и скали кои водат до него. За да се стигне до Самовилски Води не е тешко. Треба само да се следат патоказите кои се поставени на патот меѓу Куманово и Свети Николе. На десетина километри од Куманово, од левата страна на патот има жолта ознака на која пишува Самовилски Води, Зубовце. Тука започнува црниот пат кој води до светото место.

Превземено од крале марко


Прочитано 1305 пати