manastirostrog

Манастирот Острог, наоѓа во карпа на 900 метри надморска височина помеѓу Никшиќ и Подгорица во Црна Гора, само во текот на летните месеци: во јули, август и септември, и е посетуван меѓу 250 и 300.000 верници и посетители, што го прави еден од најголемите православни храмови, не само на Балканот туку и во цела Европа. Во исто време, на денот на свети Василиј, кој се празнува на 12 мај, во манастирот обично се собираат од 10 до 20.000 луѓе.

Манастирот Острог е прочуен низ целиот Балкан, поради многубројните чудесни исцеленија на болни, како на православни така и на друговерни, коишто речиси секојдневно се случуваат кај кивотот на свети Василиј. Најчесто се работи за тешко болни (умоболни и др.), на коишто лекарите и лековите не можеле да им помогнат. Од тие безбројни исцеленија мал број е запишан и објавен пред минатата светска војна. Од нив од повардарска епархија наведуваат неколку.

1. Овој случај му го раскажал протоерејот Јован Бошковиќ на блаженоупокоениот епископ Николај. Една година за денот на света Троица бев, вели, во Острог. Дојде митрополитот Митрофан од Цетиње. Имаше многу народ. Одеднаш гледаме како некои луѓе водат седум коњи, а на еден коњ седи врзана жена, а луѓето отстрана ја придржуваат. На другите коњи многу предмети. Еден од луѓето ме позна и ми рече: „Те молам, помогни ни за оваа жена. Таа му е жена на главниот австриски директор на даночното за Херцеговина, од Мостар. Луда е потполно, па да ни помогнеш и да нè упатиш“. Јас го упатив кај митрополитот, а митрополитот ме одреди мене да се грижам за таа жена. Се сеќавам, ја викаа Милчика; како да беше римокатоличка. Ја одведовме под кивотот на свети Василиј, а потоа ја затворивме во една мрачна ќелија. Страшно викаше, кршеше, напаѓаше луѓе. Секој ден ì беше читана молитвата пред кивотот. Третиот ден замолкна. Ние ја отворивме ќелијата, а таа беше мирна. Па праша: „Каде се наоѓам?“ Ние ì кажавме, а таа се расплака. И стана сосема разумна, здрава и мирна. Ете на тоа сум очевидец. По некое време таа госпоѓа со својот маж дојде во Острог и донесоа дарови (Епископ Николај, Емануил, Расказ за лудата жена, стр. 41-42).

2. Исцеление на згрчената жена. Некој богат Босанец се оженил со преубава жена, која ја сакал како својата глава. Но жена му тешко се разболела, нејзината убавина исчезнала, и таа сета се исушила и се згрчила. Не можела да станува од постела. Сите напори на лекарите околу болната останале залудни. Една ноќ во сон ì се јавила нејзината умрена мајка и ì рекла да одат во Острог кај свети Василиј. Кога жената му го кажала ова на нејзиниот маж, тој почнал да го исмева нејзиното „суеверие“, бидејќи мажот во ништо не верувал. И ја замразил мажот својата жена онолку, колку што порано ја сакал. Но најпосле попуштил пред навалувањата на жена му и тргнале кон Острог. Кога влегле во црквичката, каде што се наоѓа кивотот со моштите на свети Василиј, кивотот почнал да се тресе. Жената постојано и скрушено се прекрстувала, а мажот стоел рамнодушно како карпа. Калуѓерот многу се зачудил што се тресе кивотот, ја погледнал жената, го погледнал мажот, па му рекол да излезе. Штом излегол мажот, кивотот престанал да се тресе. Жената оздравела телесно, а мажот оздравел духовно, односно, ја стекнал верата која ја имал загубено. И обајцата здрави и радосни се вратиле дома (Епископ Николај, Расказ за исцелението на згрчената жена и за тресењето на кивотот, Емануил, стр. 57).

3. Исцелението на ќерката на сараевскиот везир. Ќерката на сараевскиот везир тешко се разболела. Немало лек. Најпосле, по совет на жените, отишла во Острог, каде што останала неколку денови. Болеста почнала да се намалува и младата девојка се вратила дома, оставајќи го пред кивотот својот скапоцен накит. Кога стигнала дома била здрава. Откако слушнале за нејзиното враќање и исцелување, жените од соседството дошле да ја видат и да чујат како се случило тоа. „Ме излечи оној влашки светител заради мојот накит“, и болеста ì се повратила, исто како и претходно. И веќе немало лек за неа (В. М., Манастир Острог, Мисионер, број 12, 1938, стр. 335).

4. Рака од метал како спомен на исцелението. Помеѓу многубројните предмети, коишто исцелените во знак на благодарност ги подариле на манастирот, се наоѓа и една рака од скапоцен метал. Неа ја подарил еден Далматинец, кој бил на печалба во Северна Америка. Таму тој добро заработил, но еден ден добил тешка болест. Го заболела десната рака. Ги поминал сите лекари, ама ништо не му помогнало. Тој се вратил во својот роден крај. Кога дошол во селото, неговите соселани му препорачале да отиде во Острог и да се поклони на кивотот на свети Василиј. Тој се согласил и отишол, и потоа раката му оздравела. Тој пак се вратил во Америка и таму од скапоцен метал направил рака, иста како својата, и ја испратил во манастирот како знак на благодарност за исцелувањето (На цитираното место).

5. Исцелувањето на лудата ќерка на крајбрежниот работник од Котор. Во јули 1938 година, се разболела и се збудалела една возрасна девојка, ќерка на Иван Марковиќ, крајбрежен работник во Котор. Скокала бесомачно, навредувала, пцуела и плукала кон секого. Родителите имале страшни проблеми со неа. Морале да ја чуваат дење и ноќе, за да не побегне некаде и да не изврши некое злосторство. Лекарите не можеле никако да ì помогнат. Затоа родителите одлучиле да ја однесат во манастирот Острог. Еден ден мајката ја одвела ќерка си до Цетиње со цел таму да најдат некој поевтин автомобил, кој би ги однел до Острог. Кога стигнале до Цетиње, мајката, по совет на некои пријатели, ја одвела ќерка си во болница, за да се консултира со тамошните лекари. Штом ја виделе, лекарите ì рекле дека таа не за во болница, туку за во душевна болница, ì рекле веднаш да ја носи дома. И мајката се вратила дома. Таткото бил зачуден зошто од Цетиње не продолжиле кон Острог, па нашол автомобил и сите тројца тргнале кон Острог. Таму преноќиле во манастирот. Калуѓерите на болната девојка ì читале молитви, по кои ì било многу мачно, но малку подоцна се смирила и заспала. Утредента девојката се разбудила сосема здрава и се вратила дома радосна со своите родители, славејќи и фалејќи Го Бога, Кој преку својот велик чудотворец Василиј ì го вратил здравјето и чистата совест (Максим Л. Јововиќ, Сосема луда отишла во манастирот Острог, а се вратила здрава, Мисионер, број 1, 1939, стр. 25-26).

6. Едно дете паднало од ѕид висок околу 30 метри и останало неповредено. Нико Ѓурашиќ, многу побожен, скромен, бистар и идеално чесен селанец од Глув Дол, во Црница, го раскажа следново доживување: Кога по завршувањето на балканската војна и на битката кај Брегалница (1913 година) се вратив дома, прва мисла ми беше да отидам во Острог и таму, пред кивотот на великиот чудотворец, свети Василиј, да се помолам на семоќниот Бог и да Му се заблагодарам за Неговата милост, која ме спаси во битките. Отидов кон крајот на летото во 1913 година во Острог, кога немаше многу поклоници. Се сеќавам, таму затекнав три жени со едно дете од 6 години и неколку луѓе од околината. По излегувањето од манастирската ќелија, стариот калуѓер ни го раскажуваше житието на светиот Василиј и за чудесните оздравувања во Острог, а ние со радост го слушавме. Во тоа време детето си играше и скокаше околу ѕидот, подигнат до стрмната карпа висока околу 30 метри. Одеднаш се слушна плачење на детето кое без да го видиме паднало преку ѕидот, а мајката залелека пред нас на сиот глас за своето дете. „Не плашете се! Ништо не му е!“ викна калуѓерот, и сите заедно истрчавме да видиме што е со детето. На општо чудење го најдовме детето здраво без ниедна повреда и го однесовме горе, а тоа по 5 минути продолжи да си игра како и претходно. Тогаш калуѓерот ни раскажа како пред неколку години, низ истата карпа паднало дете во лулка и останало неповредено. Ова чудесно избавување на детето уште повеќе ја зацврсти мојата вера во чудотворната моќ на Божјите угодници – рече на крајот овој селанец (Максим Л. Јововиќ, Страшното паѓање на едно дете во Острог. Мисионер, број 4-5, 1940, стр. 26-27).

7. Свети Василиј му го исцелил болниот син. Ристе П., бојаџија во Херцеговина, не верувал во ништо. Децата му умирале, сите едно по едно. Најпосле, му се разболел и последниот син што го имал. Една вечер, кога се вратил дома, го видел син му на предсмртна постела. Го обзеле страв и тага, и му дошло да се помоли. Отишол во другата соба и насамо со солзи и воздишки му се помолил на свети Василиј Острошки. Бидејќи во тој крај најмногу му се молеле на тој светител: „Отче свети Василиј, рекол Ристо, помогни му на мојот син, спаси го! Па јас ќе те посетам тебе“ (односно, твојот манастир). На синот веднаш му станало подобро и набрзо оздравел. А Ристо отишол во Острог да се поклони и да му заблагодари на светиот Василиј. Овој настан целосно го преобразил Ристо (Епископ Николај, Расказ за помошта на свети Василиј Острошки. Емануил, стр. 51-52).


Прочитано 2925 пати